Поддржано од:    
                                                                                  
Четврток, 25 Април 2013 13:28

Економија и НАТО - 1 дел

Оценете ја оваа вест
(1 Гласај)


(Не)Подготовка на бизнисот за членство во НАТО


Членството во НАТО е настан со трајни политички последици за македонскиот бизнис, ако не за друго, барем за тоа бидејќи во праксата го прави неповратен процесот на целосна пазарна трансформација на националната економија. Со приклучувањето кон НАТО целите на бизнисот ќе се комбинираат подобро со коалициските цели за колективна заштита на глобалната и националната безбедност. Ќе следи проширување на добро заштитениот пазарен простор, а подобрената институционална рамка ќе ги гарантира сигурноста и стабилноста на бизнис средината. Од своја страна подобро заштитената, стабилизирана и подобрена бизнис средина неизбежно ќе создаде стабилна и долготрајна тенденција за економски растеж, кој единствено би можел да ја подобри значително благосостојбата на граѓаните во земјата. 

Северноатланската Алијанса го поставува прашањето за взаемно дејство помеѓу подготовката за членство и можностите што тоа ги дава за развојот на бизнис средината во Македонија. Ориентацијата во оваа смисла може да даде корисни идеи како за подобрата подготовка за членство преку активирање на бизнисот, така и за помагање и стимулирање на бизнисот како резултат од членството. Вградувањето на чекори за примена на овие идеи во тековната политичка пракса и економската политика на земјата и нивната контрола од Парламентот би можело да ги интензивираат резултатите и ефикасноста на досегашните дејствија за подобрување на бизнис климата.

Основните линии на посочената врска се три. Од една страна тоа е прашањето како бизнисот се подготвува и соработува за членството во НАТО, а од друга, какви се новите можности за неговиот развој што се откриваат со членството. Од овие два елементи следи и прашањето, кои се најважните димензии на институционалните политики за подобрување на взаемното дејствие меѓу националниот бизнис и членството во НАТО.                  

Денес подготовката на бизнисот за идното членство на земјата во НАТО не е организирана и координирана на национално ниво. Изборот на целите, организацијата и конкретните дејствија за приспособување на бизнис здруженијата кон условите по стартот на членството се прашања на нивна сопствена иницијатива и претприемање. Не се прифатени специјални охрабрувачки мерки за подобра  адаптација на бизнисот кон овој процес. Даночните и царинските системи не се целосно подготвени за идното членство. Со исклучок на некои краткотрајни иницијативи и средби нема специјално насочени институционални дејствија, што можат да ги ориентираат и помогнат здруженијата за блиското членство. Отворено е прашањето за принципите и законодавната регулатива за државно – приватно партнерство на бизнисот во секторот за безбедност и одбрана. Мошне ограничена е примената на распространетата кај партнерите пракса за „аутсорсинг“ на ресурси од Министерството за одбрана и нивното насочување кон пазарната средина. Тешко можат да се посочат примери за стимулирање на малиот и средниот бизнис со префрлување на статични ресурси од одбраната. Не е доволна активноста за создавање на соодветни услови за привлекување на битни странски инвестиции, кои можат да помогнат за пазарно и технолошко прилагодување на бизнисот.

Позитивни примери за такви исклучоци треба да бидат идните дејствија и активности на Министерството за надворешни работи и на Министерството за економија на иницијативата за учество на македонски фирми во повоената обнова на Ирак, на Министерството за одбрана со неговата дејност за сертифицирање на друштвата од одбранбената индустрија за работа според стандардите за квалитет при производството на оружје и примена на НАТО системите за кодификација. Стабилизацијата на царинскиот систем исто така делува позитивно за подобрување на бизнис средината.

И покрај тоа не недостасуваат и добри примери за подготовка на фирмите. Се повеќе приватни фирми создаваат директни контакти и склучуваат договори за претставништва, заедничка дејност и дури заедничко производство со водечки компании од земјите членки. Овие фирми ја изградуваат потребната за внатрешниот пазар  врска со регионалната и глобалната економија. Тие треба да  претставуваат фактор за процесот на модернизација на вооружувањето и опремувањето во секторот за безбедност и одбрана на земјата.

Вкупната состојба на подготовката сепак не задоволува. Иако тоа може сепак да се објасни за бизнисот како целина, состојбата тешко може да се разбере и прифати во поглед на  одбранбената индустрија на земјата. Придржувањето кон оваа линија на занемарување на нејзината улога во иднината ќе резултира со големо заостанување, а подоцна и со тешко остварлива адаптација. И покрај тоа, дека во Економската програма за развој на Република Македонија се декларирани јасни цели за зголемување на конкурентната способност на бизнисот, се уште нема добро аргументирана и прокламирана секторска политика за нашата одбранбена индустрија. Нема разработена перспективна стратегија за развој. Дури не се јасно распределени улогите и одговорностите за спроведување на политика што е сврзана со проблемите. Нема видно активирање на институциите за проширување и стабилизирање на билатералните и мултилатералните спогодби за соработка со земјите членки.

Новите можности за бизнис од членството во НАТО

Повеќе анализи се доста скептични за директното влијание на колективната средина за безбедност врз бизнисот. Понекогаш оваа скепса не доаѓа толку од реалноста на новите можности, туку од слабиот административен капацитет истите да можат да се искористат. Дополнителна причина е и ограничената информација за новите можности и технологијата за нивната реализација, познавање и примена од страна на бизнисот. Сепак постојат такви директни и индиректни нови можности и тие треба поактивно да се промовираат во бизнис средините.

Поважните од нив се:

-          можност за учество во извршување на проекти од програмата за воена инфраструктура на НАТО;

-          можности за учество во процесот на модернизација на вооружувањето и техниката на Армијата на Република Македонија преку посредување при увоз и набавка на потребните за армијата современи модели или учество во поврзаните со нивна набавка компензациски  (офсет) зделки;

-          учество во тендерите за извршување на државни порачки за снабдување на Армијата преку производство на потребното вооружување, техника, опрема, производи и услуги за оперативна дејност;

-          одбранбените бизнис организации имаат значајно поголема улога во поправката на вооружувањето, техниката и опремата како резултат на аутсорсинг на традиционалните дејности на војската, што можат да се реализираат на договорна основа поекономично, поефективно и со поголема корист за даночните обврзници отколку од надворешни;

-          учеството на опремувањето на националните сили за меѓународни операции, помош за економска стабилизација и развојот на земји што поминуваат низ кризни и конфликтни периоди;

-          понуда на потребните стоки и услуги за оперирање на бази на НАТО во земјата и во нејзина близина;

-          учество во тендери за истражувачка, развојна, образовна и тренинг дејност во склад со интересите на Алијансата;

-          учество во изградбата на мешани претпријатија за заедничка дејност или целни конзорциуми, што работат за задоволување на потребите на Пактот;

-          извршување на програмата за ликвидација на исфрленото од употреба вооружување и техника.

Сите овие можности се сосема реални и можат да се реализираат со соодветни дејствија, како од политичарите и администраторите во секторот за безбедност и одбрана, така и од заинтересираниот бизнис.

НАТО членството носи поголеми странски инвестиции

Еден од клучевите за решавање на економските проблеми се наоѓа во полноправното членство на Република Македонија во НАТО. Некои можеби со зачуденост ќе ги прочитаат овие редови отфрлајќи ги како несериозни, но напротив аргументите кои ќе бидат изнесени во продолжение и врз основа на искуствата на земјите кои веќе се дел од воено-политичкиот сојуз.

Денес Република Македонија врз основа на утвредената политика се движи во три правци: интегрирањето во Европската Унија, полноправното членство во НАТО и подигање на економската состојба во земјата. Движењето кон овие правци е проследено со серија на активности кои верижно се поврзани. Најголемото влијание врз економијата може да имаат директните странски инвестиции. Секој странски инвеститор кога доаѓа во друга земја, особено во Југоисточна Европа сака да се чуствува безбедно и сигурно. Тоа е првиот и основен услов да започне да размислува посериозно да ги вложи парите во развивање на бизнис во Македонија. Одлука за инвестирање и вложување на парите во развој на бизнис се носи за неколку денови доколку е во прашање земја членка на НАТО, наспроти дванаесет месечните анализи дали е исплатливо да се размислува, а потоа дури да се инвестира во земја каква што е Република Македонија. Побезбедната држава создава подобра тло за чекорење, но и пред се е еден од главните предуслови за позитивна инвестициона клима. (Не)Сигурноста на капиталот од безбедносен и правен аспект е главната причина за нискиот раст на странски инвестиции во Република Македонија.

Фактори што би можеле на Македонија да и донесат повисока оценка се редовното враќање на долговите кон странство, стабилноста на макроекономската политика, заокружување на реформите во правосудството, членството во ЕУ и поканата за членство во НАТО. Негативни оценки за земјата сигурно имаат високата стапка на невработеност, корупцијата и неефикасноста на судството. Сивилото може да биде надминато само со влегувањето во НАТО клубот.

Неизвесност

Анализите покажуваат дека зачленувањето во НАТО позитивно влијаело врз економиите на многу држави. Најјасни примери за ова тврдење се Полска, Чешка, Унгарија, Романија и Бугарија. По членството на овие земји во НАТО инвестициите значително се зголемиле. Полска која е позната по своите природни и човечки ресурси доживеа економски бум дури откако стана членка на НАТО. Бизнис круговите беа свесни за нејзините економски капацитети, но перцепцијата на Полска како небезбедна земја која воедно важеше и за блиска до поранешниот Советски Сојуз ги одвраќаше инвеститорите цело време до приемот во НАТО. Перцепцијата се смени дури откако Полска стана членка на Алијансата. НАТО е директен предуслов за присуство на сериозни странски инвестиции во Македонија. Покрај политичкиот и безбедносниот момент зачленувањето во НАТО ја носи е економската компонента. Политичката стабилност што ја гарантира членството во НАТО е позитивен сигнал за странските инвеститори. Големите инвестиции во принцип доаѓаат од компании кои потекнуваат од земји членки на НАТО. Искуствата покажуваат дека компаните ја следат политиката на НАТО во чекор. Она што е најважно кога се работи за инвестирање во земја членка на НАТО е фактот што одлуките за инвестирање се носат во многу краток рок без за тоа да е потребна анализа која ќе трае една или две години. Примерите јасно укажуваат на фактот дека НАТО е од исклучително значење за развојот на македонската економија. Во таа насока ангажманот на надлежните кон побрзо приближување е важно и има поголеми ефекти од било какви други мерки што вообичаено ги превземаат локалните економии во напорите да привлечат што повеќе инвестиции.

Членството во НАТО ја гарантира безбедноста и стабилноста и е еден од предусловите за наплив на инвестици. Под безбедносниот чадор на НАТО, Европа изградува просперитетна и интегрирана економија. Членството во НАТО значи и зголемен број странски инвеститори и подобрување на економската состојба и стабилност во таа сфера што на Република Македонија и е прекупотребна во овој момент.

Евро-атлантскиот проект има цел политичка и економска интеграција и создавање на безбедносен колектив. „Под безбедносниот чадор на НАТО, Европа изградува просперитетна и интегрирана економија, ја развива трговијата и ја продлабочува демократијата и слободните институции. Земјите од Западна Европа и Северна Америка го прифатија концептот дека „безбедноста е кислород на напредокот“ и тие постигнаа значителни резултати во тој правец. Ова е и причината која треба да преставува движечка сила во секторот на безбедносните реформи во Југоисточна Европа. Земјите од Балканот нема да бидат само долготрајни корисници на безбедносните гаранции и финансиската помош, туку и дека можат да бидат значителни контрибутори во одбраната, економскиот и политичкиот потенцијал и свежото размислување за некои од прашањата на евро-атлантската и глобалната безбедност.

Економистите се убедени дека членството ќе ни донесе придвижување во економијата, иако Македонија важи за мал пазар, недоволно атрактивен за странските инвеститори. Како мала и сиромашна земја, политичката и економската перспектива на Македонија се интеграциите во евроатлантските структури. Доколку работите тргнат во обратен правец, краткорочно ќе ги избегнеме тешките последици, но долгорочно негативните ефекти ќе испливаат на површина. 

Стратешките инвеститори не решаваат толку лесно да се поместуваат и да се локализираат во еден регион, како што е случајот со Македонија и опкружувањето. Ако добиеме покана за членство во Алијансата, дефинитивно ќе се решат сите дилеми за политичките и безбедносните прашања. И порастот во економијата да не биде со агресивна динамика, сепак резултатите ќе бидат позитивни. Сите рационални размислувања водата кон тоа дека ќе има позитивни ефекти од поканата за членство во НАТО,реално е да се очекува зголемен обем на инвестиции што ќе донесат посериозен пораст на економијата.

Политичката неизвесност во предворје на поканата за членство во НАТО ќе ја ослабе економијата. Разрешувањето на неизвесноста ќе значи олеснување на пазарот, во кој било правец да се разреши неизвесност - тоа за пазарот, ќе биде добро, ќе значи дефинитивно олеснување.

Република Македонија можеме да кажеме дека нема избор, нема алтернативи или ќе биде темната зона или ќе влезе како мала земја, ќе се прилагоди кон глобалните процеси и ќе влезе во тие интеграциони процеси. Влегуваме во еден тајминг со многу непознати на детерминанти, кои досега беа оптимистички во основа на очекувањата, се тоа ќе спласне.

Но, неминовни ќе бидат економските бенефити од позитивната разврска за Македонија. „Веројатно да, економските користи сигурно дека ќе ги надминат, евентуалните трошоци кои што исто така се поврзани со тој процес. Многу побрзо ќе станеме дел на европскиот пазар на капитал, ние сега сме само дел на пазарот на услуги, а додека во делот на пазарот на капитал имаме скромни инвестициони вложувања во Македонија, пред се поради овие застои.

До добивање на поканата за членство во НАТО македонската економија ќе биде вклештена во неизвесноста која ги одвраќа инвеститорите и ги блокира вложувањата. Анализите впрочем  покажуваат дека економиите на сите земји по влезот во Алијансата доживеале драматичен пресврт - двојно, некаде и за трипати зголемени инвестиции, кои значајно го придвижиле економскиот раст.

(Продолжува)

Марјан Ѓуровски е магистер на политички науки и асистент на Факултетот за безбедност-Скопје при Универзитетот „Св.Климент Охридски„. Докторант е на безбедносни науки на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„-Скопје. На постдипломските студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј„ се одлучува да ја изработи и ја одбрани магистерската теза „Влијанието на евроатланските интеграции врз економијата на Република Македонија„. Раководел и партиципирал во повеќе научно-истражувачки проекти од безбедносните и политичките науки. Член е на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.
Прочитано 1422 пати Последен пат изменето на Четврток, 25 Април 2013 13:39
Логирајте се за да поставите коментар

Во Фокусот

Мај 07, 2013 2674

Економија и НАТО - 2 дел

Економската состојба и реформите За Република Македонија еден од нејзините најважни приоритети е да…
Апр 30, 2013 1994

Мрежата на YАТА!

Како претседател на Младинската Атлантската Асоцијација (YATA), избрана сум да претставувам 37…
Апр 29, 2013 1519

Можат ли младите лидери да ја зајакнат…

Започнувајќи од пред речиси 60 години, транс-атлантското партнерство е несомнено главниот елемент…
Апр 25, 2013 1423

Економија и НАТО - 1 дел

(Не)Подготовка на бизнисот за членство во НАТО Членството во НАТО е настан со трајни политички…
Апр 24, 2013 2296

Инфилтрација на џихадистичките движења…

Сметана за европска „граница“ во борбата со милитантниот Ислам, Југоисточна Европа (ЈИЕ)…
Апр 10, 2013 1599

Говор на Н.Е. Талат Џафери, по повод…

ГОВОР НА Н.Е., ТАЛАТ ЏАФЕРИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА КОНФЕРЕЦИЈАТА ЗА…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 1235

Во чест на Договорот од Вашингтон -…

Неможам да ја избегнам темата и да не ја посветм мојата втора колумна на Атлантика на Договорот од…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 2209

Добредојдовте на Атлантика!

Мислејќи се како да ја најавам и отворам Атлантика, а притоа да ви го претставам целиот концепт на…