Поддржано од:    
                                                                                  
Среда, 10 Април 2013 15:25

Говор на Н.Е. Талат Џафери, по повод денот на НАТО “4. април“

Оценете ја оваа вест
(3 гласови)

ГОВОР НА Н.Е., ТАЛАТ ЏАФЕРИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА КОНФЕРЕЦИЈАТА ЗА МЕДИУМИТЕ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА НАТО “4. АПРИЛ“ СКОПЈЕ, 04. АПРИЛ 2013 ГОДИНА

Почитуван Потпретседател на Евро-Атланскиот Совет на Македонија, г-дин Исмет Рамадани,

Почитуван амбасадор на Република Турција, г-дин Ѓурол Сокменсеур,

Почитуван полковник Александар Александров, Шеф на Канцеларијата на НАТО во Република Македонија,

Почитувани медиуми,

Дами и господа,

Ми претставува големо задоволство да говорам по повод Денот на НАТО “4. април“. Ми претставува задоволство да говорам за современиот и идниот НАТО од перспектива на Република Македонија, идна членка на евро-атлантското семејство. Исто така, по овој повод сакам да говорам што Република Македонија направила и прави во подготовките за идно членство во НАТО и каков придонес даваат нашите војници во меѓународните операции.

Прво, современиот НАТО е подготвен, способен и со воља да се справува со денешните и идните предизвици во евро-атлантската област. Повеќе од 60 години, Северна Америка и Европа дејствуваат заедно со цел да ја заштитат слободата, безбедноста и благосостојбата на сопствените граѓани. Солидарноста на двата континенти, отелотворени во НАТО, доведе до ера на мир и стабилност. Затоа денес можеме да зборуваме дека нашите вредности, нашите институции, нашиот начин на живот и нераздвојно од сето ова – безбедноста, се од особена важност.

За речиси 64 години постоење, Алијансата покажа дека може и дека ќе продолжи да ја заштитува безбедноста и слободата на сите свои членови, дека има капацитет да прими нови членки и со самото тоа да ја прошири зоната на демократија, безбедност и стабилност во Европа и дека е способна да одговориме на кризи кога тоа е потребно, на стратешка далечина, како во Авганистан. Алијансата и сите оние кои се залагаме за глобалниот мир мора да продолжиме да бидеме во можност да го правиме тоа и во иднина.

Безбедноста претставува примарен предуслов за развој. Конфликтите не само што ја уништуваат инфраструктурата, исто така, го охрабруваат криминалот, ги спречуваат инвестициите, а нормалните економски активности ги чинат невозможни. Натпреварувањето за природните ресурси, предизвиците како енергетската зависност и климатските промени, ќе продолжат да создаваат турбуленции, да предизвикуваат миграциони движења, а може да имаат негативно влијание и врз националната и меѓународната безбедност.

Лидерите на земјите членки на Алијансата во Лисабон и Чикаго одлучија да вложат нови напори во изградба на нов НАТО – извор на стабилност во непредвидливиот свет. На последниот самит во Чикаго лидерите на земјите членки на НАТО одлучија заеднички да развиваат заеднички воени способности врз основа на Концептот за “Паметна одбрана“ и декларираа оперативна готовност на ракетната одбрана. Успехот на најголемата операција на НАТО во Авганистан и другите операции не беше можен без кредибилни распоредливи воени способности. Ние очекуваме новиот НАТО да остане отворен за нови членки и за нови партнерства.

Искуството од заедничкото дејствување во Авганистан, изгради силни врски на интероперабилност и ја потврди заедничката цел помеѓу сојузниците и не-НАТО контрибуторите во бескомпромисната борба против тероризмот. По 2014 година, откако мисијата ИСАФ ќе биде завршена, ќе биде важно да се задржи оваа, слободно можам да речам, култура на соработка. НАТО Иницијативата на поврзани сили, има за цел да обезбеди можност на силите кои заедно делуваат да бидат способни да комуницираат и работат едни со други. На базично ниво, тоа значи неопходност од разбирање на едни со други, а на повисоко ниво, користење на заеднички доктрини, концепти и процедури, како и интероперабилна опрема. Силите, исто така, потребно е се повеќе да практикуваат да работат заедно преку заеднички и комбинирани обуки и вежби, по што треба да се стандардизираат вештините и да се подобри употребата на технологијата. Иницијативата на поврзани сили, има за цел поголема употреба на образованието, обуката и вежбите за зајакнување на врските помеѓу силите на земјите членки на НАТО и одржување на ниво на интероперабилност потребни за идните операции.

Значајноста на членството во НАТО во генерален аспект за сите земји членки и аспиранти за членство првенствено доаѓа од компаративните предности на колективната безбедност во однос на изолираниот (индивидуалниот) пристап во одбраната. Денес е добро познато дека ниту една земја не може сама да се справи во потполност со конвенционалните, а посебно со асиметричките предизвици. Поконкретно кажано, во делот на конвенционалните закани најважните придобивки од колективниот пристап во одбраната би биле: поуспешно одвраќање на нечиј напад и подобрен капацитет за одбрана од напад - преку поголема веројатност за помош од сојузничка држава и поголема веројатност за успешна одбрана поради сигурната сојузничка помош. На членството на НАТО во Европа се гледа и како на „цивилизациска“ придобивка. Со самото членство се исполнети некои услови (демократски систем, стабилност, функционирање на правната држава, респектирање на човековите права, економска стабилност итн), кои ја вклучуваат државата во семејството на модерните, бебедните и стабилни држави во кои е добро да се инвестира и живее.

Второто прашање се однесува на нашиот стратегиски приоритет – постигнување на членство на Република Македонија во НАТО. Како што е познато Република Македонија е кандидат за членство во НАТО од 1999 година и сега наоѓа во 14-тиот циклус на Акциониот план за членство (МАП циклус). Нашата држава од 2008 година е целосно подготвена за преземање на обврските и одговорностите како членка на Алијансата.

Република Македонија споделува исти вредности и интереси со земјите членки на Алијансата. Ги прифативме принципите, целите и фундаменталните задачи кои произлегуваат од Стратегискиот Концепт на НАТО, заклучоците од последниот самит на Алијансата од Чикаго и ја споделува проценката за еволуцијата на безбедносното опкружување во Eвроатланската област.

За членството на НАТО постои најширок општествен и политички консензус и силна поддршка од граѓаните. Тоа го потврдува и најновата Декларација на Собранието на Република Македонија за реафирмирање на определбата за реализација на стратешката цел за членство на РМ во НАТО од 24 април 2012 година. На членството во НАТО се гледа како на суштински предуслов за зголемување на безбедноста и стабилноста на Република Македонија. Ние сме свесни дека членството во НАТО ќе влијае позитивно и врз деловната клима и економскиот раст и развој со што ќе се подобри и животниот стандард на нашите граѓани.

Развојот на 50 % распоредливи и интероперативни воени сили, сојузништво и партнерство остануваат наши фундаменталени принципи во остварување на целокупноста на одбраната и безбедноста. Врз основа на тие принципи ќе биде унапредувана соработката и стратегиските партнерства. Се очекува содржините на стратешкото партнерство и интензивната одбранбена соработка да ја прошират својата релевантност во области на соработка со заедничко делување во правец на справување со дел од современите ризици и предизвици и нивните потенцијални импликации врз Регионот (потенцијално во правец на спротиставување и спречување на можните појави на терористички активности, соработка за компјутерска безбедност и разузнување, непролиферација, превенција на конфликти и кризен менаџмент и инклузивност во проектите како размена на безбедносни оперативни информации, ракетната одбрана итн.).

Регионалната одбранбена соработка вклучува постојани политички консултации на сите нивоа, заедничка обука, изградба на регионални центри за обука, изградба на заеднички воени единици, па сè до заедничко учество во меѓународните операции. Во тој дух, во текот на 2013 година Министерството за одбрана ќе продолжи со реализација на активностите кои произлегуваат од нашето членство во регионалните иницијативи, осебено со САД - Јадранската Повелба (А-5), и Процесот за соработка во ЈИЕ со кои претседаваме коако и со СЕДМ/ СЕЕСИМ/ СЕЕБРИГ процесите, Форум на НГШ на балканските земји, Клирингхаус на Југоисточна Европа и многу други.

Националните одбранбени реформи, во услови на економска криза, се нов голем предизвик пред којшто се исправени сите држави во Регионот. Лекциите од историјата говорат дека периодите на економски кризи се и можност за појава на нови идеи и концепти кои ќе ни овозможат порационално однесување и подобри резултати. Во контекст на забрзување на интеграциските процеси и унапредување на интероперативноста главни приоритети на министерството за одбрана и во иднина ќе бидат преструктуирање и трансформација на МО и АРМ, надградба на цивилните и воените капацитети во контекст на НАТО иницијативата на поврзани сили, ажурирање на Долгорочниот План за развој на одбраната и потврдување на определбата за стабилно финансирање и модернизација на АРМ.

Армијата продолжува со динамичен процес на трансформација се до 2016 година. Со овој процес ќе се обезбедат поголеми оперативни способности, подобро насочен командно-контролен систем и дополнување со подготвен, обучен и активен резервен персонал. Преструктуирањето на АРМ ќе обезбеди оперативно подготвени сили и сили пополнети со квалитетен и добро обучен персонал според стандардите на НАТО од сите етнички заедници. Во тој контекст во рамки на сите мисии, а особено на онаа согласно Законот за кризен менаџмент и широкиот контекст на безбедноста Армијата од секогаш обезбедувала, обезбедува и ќе обезбедува подршка на институциите кои се носители во справување со кризи и катастрофи.

За третото прашање, придонесот во меѓународните операции, најмногу е говорено, како во Република Македонија, така и во НАТО. Нашата држава согласно стратешките интереси и посветеноста кон Евро-атланските интеграции, активно придонесува, учествува и ги подржува иницијативите за градење и поддршка на регионалниот и глобалниот мир и безбедност.

Согласно своите национални интереси и стратешките определби и цели, а со цел зачувување и унапредување на мирот и стабилноста во светот и регионот, Република Македонија продолжи со активно учество во три меѓународни операции предводени од НАТО, Европската унија и Oбединетите Нации, како и со логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово преку Координативен центар за поддршка на КФОР.

Во досегашниот период, Република Македонија учествуваше со околу 3050 лица во меѓународни операции во Ирак (2003- 2008), во Авганистан, во Босна и Херцеговина и во Либан. Во моментов АРМ дава придонес со околу 170 лица или околу 3 % од севкупниот персонал на копнените сили распоредени во: ИСАФ, ЕУ АЛТЕА и УНИФИЛ.

Република Македонија веќе изрази подготвеност и за понатамошно учество со сили и средства во пост ИСАФ операциите во Авганистан (после 2014 година), во рамките на силите за стабилизација, обука и помош предводени од НАТО. Нашата улога во Авганистан ќе еволуира синхронизирано со еволуирањето на ИСАФ улогата - во обука и поддршка на безбедносните сили на Афганистан. На сите нам ние е многу добро познато дека тие одлично си ја вршат својата мисија и дека тие се најдобрите амабасадори на Република Македонија. Владата и граѓаните на мојата земја се многу горди на тоа и Армијата на Република Македонија има висока политичка и јавна поддршка за нејзиниот придонес во меѓународните операции.

Почитувани пријатели,

Како современици можеме да потврдиме дека визионерството од пред 64 години за изградба на НАТО како клучен фактор на Евро-атлантската безбедност и стабилност, вклучително и нашиот Регион, има висока вредност и за денес и за иднина. Република Македонија до членството во НАТО може да го постигне спроведувајќи континуирани реформи, со максимално искористување на домашните капацитети, силна јавна поддршка и интерресорска координација и соработка.

Ви благодарам!

Прочитано 1097 пати Последен пат изменето на Среда, 10 Април 2013 15:31
Логирајте се за да поставите коментар

Во Фокусот

Мај 07, 2013 2020

Економија и НАТО - 2 дел

Економската состојба и реформите За Република Македонија еден од нејзините најважни приоритети е да…
Апр 30, 2013 1287

Мрежата на YАТА!

Како претседател на Младинската Атлантската Асоцијација (YATA), избрана сум да претставувам 37…
Апр 29, 2013 1054

Можат ли младите лидери да ја зајакнат…

Започнувајќи од пред речиси 60 години, транс-атлантското партнерство е несомнено главниот елемент…
Апр 25, 2013 969

Економија и НАТО - 1 дел

(Не)Подготовка на бизнисот за членство во НАТО Членството во НАТО е настан со трајни политички…
Апр 24, 2013 1630

Инфилтрација на џихадистичките движења…

Сметана за европска „граница“ во борбата со милитантниот Ислам, Југоисточна Европа (ЈИЕ)…
Апр 10, 2013 1098

Говор на Н.Е. Талат Џафери, по повод…

ГОВОР НА Н.Е., ТАЛАТ ЏАФЕРИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА КОНФЕРЕЦИЈАТА ЗА…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 887

Во чест на Договорот од Вашингтон -…

Неможам да ја избегнам темата и да не ја посветм мојата втора колумна на Атлантика на Договорот од…
Г-дин Илија Џугуманов
Апр 08, 2013 1658

Добредојдовте на Атлантика!

Мислејќи се како да ја најавам и отворам Атлантика, а притоа да ви го претставам целиот концепт на…